На територија на Македонија има многу стари дрвја. Изминативе години се мапирани стари, вековни дрвја, на Малешевските планини за што е подготвена и брошура. Се работи најчесто за црн бор и буки кои се стари од 200 па до 500 години, а дел од стеблата се високи по 30 или 40 метри.
Пијанечкиот регион покрива површина од 1.414 квадратни километри и е богат со стари дрвја која се интересни за посетителите. Нив ги има во околината на Берово, Пехчево, Македонска Каменица и други локации. Тие укажуваат на богатиот биодиверзитет.
„Старите дрвја преставуваат долгогодишни вековни организми и репрезенти на долг развоен и животен период. Тие имаат висока природна вредност и преставуваат живи спомeници кои може да ги создаде и обликува само природата преку своите севкупни еколошки и историски влијанија. Многу од нив поседуваат и импозантни монументални карактеристики со кои значително влијаат на збогатувањето на природните богатства и природни реткости со кои се одликуваат регионите каде тие се застапени. Имаат непроценливо значење за биолошката разновидност и стабилност на шумските екосистеми и придонесуваат за севкупниот природен амбиент на шумата во целина. Информациите и податоците кои тие ги содржат во себе во однос на изворните генетски ресурси за видовите, климатските промени и другите влијанија се многу значајни и претставуваат голем интерес за науката и општеството. Сепак нивната вредност и значење честопати не се доволно препознаени од пошироката јавност и затоа изостанува нивната вистинска валоризација. Многу од нив се загрозени или се на удар на различни зооантропогени влијанија поради што се оштетуваат или губат значителен број од овие ретки дрвја“, пишува Проф. д-р Николчо Велковски во брошурата посветена на старите дрвја.
Центарот за развој на источниот плански регион ја реализираше оваа активност во рамките на проектот „Програмата за зачувување на програмата во Македонија“, во две фази од 2013 до 2020 година. Со првата фаза е изработена брошурата, додека во втората фаза е изготвена GPS андроид апликација со цел заинтересираните лица да можат полесно да ги посетат. И во двата производа детално е опишано секое проучено и обележано дрво. Како партнери во проектот се Helvetas swiss intercooperation и Фармаахем - Скопје.
Но, стари дрвја има насекаде низ Македонија. И во Кратово има повеќе стари дрвја кои на некој начин се симбол на градот.
„Има пишани податоци од професор Стеван Симиќ, дека се работи за борови кои се стари околу 700 години. Во 1948 година еден е срушен поради проширување на патот Кратово – Пробиштип, третиот бор, но дрвната маса е искористена, употребена за градот Кратово. Во 1929 година од самозапалување од гром четвртиот бор е уништен на Пантелеј. Петтиот бил најголем, има пишани податоци дека бил огромен. Останати се два бора, но имаме и костен кој е доста стар. Имаме старо стебло до Радин мост, но од старост е исушено. Имаше и топола стара околу 500 години во нашата општина, но дотрајана, исушена, имаше дудинки во Лесново. Во селото Пендек имаме даб стар со векови“, рече градскиот хроничар Стевче Доневски.
Тој додаде дека за странците најинтересни се горостасните дрвја. Лани имал гостин, професор од Холандија кој дошол во Кратово токму поради старите дрвја. Доневски вели дека стручни лица треба да направат парк со овие дрвја, да ги оградат, да има податоци за нив, фотографии, но и да се наплаќа влез за посетителите. Вели дека овие стари дрвја се еден благодат на општините и тие се интересни за професори, студенти, туристи. За споредба и Охрид го има охридскиот чинар кој е стар со векови.