Светот штотуку го доживеа најтоплиот јануари досега, продолжувајќи со серија на високи температури за овој период од годината, соопшти Службата за климатски промени на ЕУ, „Коперник“.
Просечната температура минатиот месец го надмина претходниот најтопол јануари, од 2020 година, кој пак, следуваше по рекордот од 1950 година, пишува Ројтерс.
Рангирањето доаѓа откако 2023 година беше рангирана како најтоплата година на планетата според глобалните рекорди од 1850 година, што се припишува на климатските промени предизвикани од човекот и временскиот феномен Ел Нињо, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан.
Секој месец од јуни е најтопол во светот досега, во споредба со соодветниот месец во претходните години.
„Не само што е ова најтоплиот јануари досега, туку доживеавме 12-месечен период од повеќе од 1,5 C над прединдустрискиот референтен период“, рече заменик-директорката на Службата за климатски промени на ЕУ, Саманта Бургес.
Феноменот Ел Нињо почна да слабее минатиот месец, а научниците очекуваат дека во текот на оваа година би можело да се очекува почеток на поладниот пандан – Ла Ниња. Сепак, просечната глобална температура на површината на морето минатиот месец беше највисока за кој било јануари досега.
Со Парискиот договор од 2015 година светските лидери се заложија да се обидат да спречат глобалното затоплување да надмине 1,5 степени Целзиусови, за да избегнат тоа да предизвика посериозни и неповратни последици.
Но, надминувањето на тој праг, во период од 12 месеци, покажува дека светот сè уште не ја постигнува целта на Парискиот договор.
Некои научници велат дека целта повеќе не може реално да се исполни, но ги повикаа владите да дејствуваат побрзо за да ги намалат емисиите на CO2 за колку што е можно да го ограничат надминувањето на критичната температура.