Луѓето низ цела Азија денеска ја прославија Лунарната Нова Година на Змејот со семејството, фестивали и посети на храмовите.
Жителите на Пекинг отидоа во храмови каде што можеа да присуствуваат на традиционални народни претстави и да запалат миризливи свеќи за добро здравје и среќа во наредната година, објави Би-Би-Си.
Многу жители на Хонг Конг ја дочекаа новата година облечени во црвено, што се смета за среќна боја во кинеската култура. Освен во Кина, лунарната нова година се слави и во Јужна Кореја, Виетнам и во прекуокеанските кинески заедници.
Во Мјанмар и Малезија, верниците ги посетија храмовите за да се молат за среќа и благослов. Во Дарамшала, Индија, прогонетите тибетски монаси, исто така, учествуваа во церемониите за одбележување на нивната нова година. Лунарната Нова Година е најважниот годишен празник во Кина и секоја година го носи името на еден од 12-те знаци на кинескиот зодијак.
Оваа година е година на змејот, кој е популарен меѓу Кинезите по раѓањето деца, бидејќи многу парови се надеваат дека нивните деца ќе поседуваат извонредни квалитети симболизирани со змејови, вклучувајќи сила, моќ и успех.