Дали сте се запрашале што да правите со вашиот папагал или канаринец кога треба да отпатувате на неколку дена? Дали ви е тешко да најдете некој кој ќе се грижи за вашата птица додека вие сте отсутни? Ако се соочувате со овие проблеми, можеби имаме решение за вас.
Млад скопјанец смислил необичен начин за заработка: ви ги чува папагалите или канаринците додека вие патувате. Тој наплаќа 100 денари дневно, а храната за птиците си ја набавувате вие.
Тој вели дека вистински ја сака својата работа, бидејќи го забавуваат различните птици и нивните карактеристики.
„Јас сум голем љубител на птиците и имам искуство со нив. Имам свој папагал од сортата „козица“, кој го чувам од мал. Секогаш ме фасцинирале нивната интелигенција и способност за говорење. Затоа, пред две години, решив да започнам со оваа работа, кој ми овозможува да се дружам со разни птици и да им помогнам на нивните сопственици”, вели соговорник за Денар.
Тој додава дека има многу клиенти, кои му се обраќаат кога треба да отпатуваат за работа или на одмор, а како што додава, понекогаш се случува да чува и до десет птици во исто време, но дека секогаш се обидува да им обезбеди доволно простор и внимание.
Една од неговите клиентки е и Марија Милевска, која вели дека веќе 6 години чува папагал од сортата „Александар“.
Таа вели дека многу често се доведува во ситуација да мора да го напушти домот на неколку дена, а да нема кој да се грижи за птицата.
Милевска раскажува дека секогаш ги моли пријателите и роднините да доаѓаат секој ден во нејзиниот стан и да му даваат храна и вода на папагалот.
„Но, тоа не е исто како да имате некој кој ќе се посвети на вашата птица и ќе ја разбира. Папагалите се многу чувствителни и потребно им е друштво и разговор. Затоа, кога разбрав дека има некој што чува папагали за пари, бев многу среќна. Тој е вистински професионалец и си ја знае работата. Секогаш ми јавува како се однесува мојот папагал и ми праќа слики и видеа. Јас сум многу задоволна од неговите услуги и го препорачувам на сите кои имаат птици”, вели Марија.