Луѓето кои издаваат куќи во скопските села велат дека немаат проблем да најдат кираџии. Тие генерално се задоволни. Објаснуваат дека од издавањето на своите куќи можат да заработат. Кираџиите се различни категории граѓани, од градежни работници од помалите места, студенти, до луѓе кои се од главниот град, но поради проширување на семејството и немање доволно простор морале да заминат под кирија.
„Функционира издавањето куќа под кирија во село. Се сместуваат семејни луѓе и мајстори кои работат во Скопје. Тие се од Источна Македонија. Можеби дека е поевтино, а знаеме дека градот е презаситен со луѓе. Поевтина е киријата за разлика од градот. Две години како ја издавам куќата, има луѓе, не можам да се пожалам. Кираџиите се помлади лица, ги има и на возраст од 40 до 50 години“, вели скопјанка која издава куќа во село во Општина Илинден.
Се издаваат куќи со различна квадратура во повеќе делови на Скопје.
„Има луѓе кои се сметуваат под кирија, Сопиште е атрактивно како локација. Има и многу луѓе што издаваат имоти. Тој бизнис си функционира. Ние сме блиску до градот. Се издаваат цели куќи, се сместуваат дипломати и други луѓе. Обично е тоа на подолг период, 6 месеци или на година. Сопиште последниве 10-15 години е променето на подобро и има добри услови за живот. Јас имам издавано куќа и знам како стојат работите“, вели жител на Сопиште.
Има и случаеви кога луѓето од подалечните села се сместуваат во села со подобри услови кои се поблиску до градовите.
И во охридско има убави села, но бидејќи се работи за туристички крај, ретко се издаваат куќи за подолг престој.
„Имав случај, човек се смести во Велестово, потоа ја купи куќата. Ретко се случува некој да се смести во Дебрца. Ние сме туристички град, значи луѓето сакаат да сместат некого за една вечер, не практикуваат на подолг период. Долно Коњско е интересно, Велестово исто, но тоа е во делот на туризам. Охрид е специфичен крај“, вели Александар Трајкоски, од агенцијата Енхелеја од Охрид.
Многу граѓани ги издаваат и своите викендици и тие се полни за празници, Нова година, 1 Мај, 2 Август. Викендици се издаваат на Попова Шапка, во Маврово, Берово и други делови од земјава.