Предвременото одење во пензија благодарение на бенефицираниот стаж секогаш било привилегија за припадници на полицијата, армијата, како и за рудари и професионални возачи, но малкумина граѓани знаат дека листата на професии е многу подолга.
Во Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот за осигурување се смета за зголемено траење, а е со важност од декември 2021 година и дополнет и изменет уште во два наврати, утврдени се работните места на кои поради природата и тежината на работниот процес, физиолошките функции на работникот опаѓаат во толкава мера што оневозможуваат да продолжуда ја врши својата работа како што е примерот со пилотите, балерините и играчите.
Според Законот за пензиско и инвалидско осигирување бенефицираниот работен стаж се применува кога работодавачот ги презел сите мерки за заштита на работникот, но и покрај тоа работата што ја врши предизвикува опасност за неговиот живот и здравје (рудари, работници во топилница и сл.).
На работникот на кого стажот му се смета со зголемено траење (или познат како бенефициран стаж) старосната граница за стекнување на пензија му се намалува со степенот на зголемување на стажот, односно на една година ефективна работа и работен стаж добива дополнителни два, три, четири, пет или шест месеци стаж.
Најопфатени се професиите во тешката метална и хемиска индустрија, рударството, металургијата, градежништвото, здравствените установи, кожарско-преработувачката индустрија,
Стјуардесите добиваат 16 месеци стаж за една година, гробарите за 12 месеци ефективна работа добиваат 17 месеци, додека возач на возило на Итната медицинска помош добива 14 месеци. Лекарот во Итната помош добива 15 месеци исто колку и касап во кланица и дрвосечач во Национални шуми.
Ако сте нуркач, бидејќи е високоризична и тешка професија, добивате 18 месеци стаж за пензинско за секои 12 месеци ефективна работа. Исто толку добиваат и професионалните танчери и пејачи.
Овчарството како дефицитарна професија има одредени привилегии: висока плата и бенифициран стаж, но никој не сака да ја работи. За секои 12 месеци ефективна работа се добиват четири месеци бенефиции.
Иако е една од најтешките професии, возачот на автобус и на камион со носивост од седум и повеќе тони добива само плус два месеци на секоја година ефективен работен стаж. Толку добива и инкасант на патарина кој седи во кабина.
Во Правилникот има и голем број професии во текстилната индустрија кои исто така добиваат бенефициран стаж – од бојадисувачи на текстил, до работник на клопчарка. Тука се и професии поврзани со акумулатори, царина, градежништво, здравство, водовод и канализација и многу други. Со децении бенефициран стаж бараат и новинарите, како и фоторепортерите, кои велат дека од нив ретко кој дочекува пензија.
Бенефициран стаж имаат и инвалидите осигуреници што се во работен однос, односно на работа врз основа на која биле задолжително осигурени поминале работејќи со полно работно време.
Покрај овие работни места, со посебен закон е утврден бенефицираниот работен стаж за полицајците, припадниците на АРМ, пожарникарите.
За споредба, во соседна Србија бенефициран стаж е можен во речиси 40 индустрии и во моментов ова право го имаат повеќе од 100.000 работници, кои се вработени во полиција, државна безбедност, Министерството за надворешни работи, Управата за извршување на кривични санкции, даночната полиција, армијата, а од декември 2019 година и судиите, обвинителите и замениците обвинители.
Во Србија за да се пресмета должината на бенефицираниот работен стаж потребно е лицето да е ефективно ангажирано во опасна работа минимум 10 години, за старосна пензија и 5 години, за инвалидска пензија. Право на бенефициран работен стаж има секој што сам си плаќа стаж, под услов да се утврди дека навистина работел на тешки и опасни работи кои законски се опфатени со оваа поволност.