Ако имате пасош и ако планирате да патувате кон Грција, имајте во предвид дека од денеска на пладне можете да заглавите на граничните премини со нашиот јужен сосед оти тамошните земјоделци најавуваат протести со блокади.
Според најавите на земјоделците од северниот дел на Грција, денеска напладне ќе биде блокиран преминот Евзони-Богородица во периодот од 12 до 12,30 часот по македонско време, а на преминот Ники-Меџитлија од 11 до 15 часот по македонско време.
Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.
Земјоделците повеќе од еден месец бараат од грчката влада да ги исполни сите нивни барања поврзани со зголемените трошоци за производство.