Климатолозите и лекарите се согласуваат дека температурните промени се повеќе влијаат на здравјето на луѓето. Изминатиот месец, февруари е осми месец по ред во кој просечните температури паднале, а зимите што ги имавме во 1980-тите нема да се вратат, вели српскиот климатолог Владимир Ѓурѓевиќ.
Кардиолозите пак, предупредуваат дека ваквото време влијае на здравјето на луѓето, па често се случува некој во 40-тите да има аритмија како да има 60 години.
„Процесот на климатските промени нема да запре наскоро, веројатно само околу 2050 година, а дотогаш ќе биде многу потопло. Целата планета е потопла за еден степен во просек, а до 2050 година сигурно ќе се загрееме барем за уште еден степен“, вели Ѓурѓевиќ.
Дали планетата ќе продолжи да се загрева или не, зависи од тоа дали ќе го исполниме Парискиот договор, истакна климатологот.
„Парискиот договор предвидува да престанеме да користиме нафта, јаглен и гас и да додаваме јаглерод диоксид во атмосферата. Од гледна точка на климатолозите ова е преседан, бидејќи планетата денес е веројатно потопла отколку во последните 100.000 години. Климатолозите, сепак не се изненадени, бидејќи сето ова беше предвидено во 1970-тите, па сегашните предупредувања треба да се сфатат сериозно“, потсети тој.
„Температивните разлики се иницијатор пациентите да се консултираат со лекар“, вели српскиот кардиолог д-р Родољуб Ристиќ.
„Слушајќи ги пациентите и нивните разлики, можам само да забележам дека овие температурни разлики се иницијатор за да се обратат кај лекар. Не знаат што е во прашање, но се појавуваат тегоби. Многу повеќе млади луѓе имаат здравствени проблеми, иако е познато дека промените во температурата, барометарскиот притисок и слично, ги погодуваат постарите луѓе и хроничните пациенти. Сега е многу почесто кај пациент кој има 35, 40 години да има апсолутна аритмија (како оние кои имаат 60 и повеќе години), која не знаел дека ја има“, вели кардиологот.
„Влијанието на климатските промени и несоодветните температурни разлики ги погодуваат и здравите луѓе, невровегетативниот систем. Тие се чувствуваат уморни, вознемирени и ни кажуваат дека се плашат дека нешто ќе им се случи“, вели докторот.
На луѓето не може да им е сеедно дали е 20 степени во февруари или мај, подвлекува д-р Ристиќ.
Европските скијачки центри во неволја
Податоците покажуваат дека половина од европските скијачки центри се загрозени од недоволно количество снег, а климатологот Ѓурѓевиќ вели дека на Балканот немаме планини доволно високи за да го одржиме и дека оние што планираат да градат хотелски комплекси и жичарници треба добро да размислат за тоа.
„Овој февруари беше потопол од просечната мартовска температура. Веројатно и март ќе биде потопол. Би било убаво ако ова беа само осцилации и во иднина да се најдеме повторно во климата што беше во 1980-тите. Но, тоа нема да се случи, бидејќи луѓето го зголемија количеството на јаглерод диоксид во атмосферата за 50 проценти во последните 150 години, а тоа е вториот најважен гас што придонесува за ефектот на стаклена градина и ја прави нашата планета топла“, рече тој.
Ѓурѓевиќ вели дека во секојдневниот живот на луѓето им е тешко да ги следат сите осцилации кои ги предизвикуваат климатските промени, бидејќи се работи за многу апстрактни работи. Дури кога ќе ги забележат толку благите зими, додава тој, ќе се запрашаат што се случува.