Со наближувањето на 18 март, денот кога започнува строгиот Велигденски пост, православните верници се подготвуваат да го прoчистат своето тело и душа.
Ова време на пост е период на воздржување од мрсна храна, со цел да се подготват за големиот христијански празник – Велигден.
Денар разговараше со свештеник од Скопската епархија, кој ги советува верниците да му пристапат на постот со душа и со срце.
„Постот не е само воздржување од мрсна храна, туку претставува и време за духовно прочистување. Фокусирајте се на молитвата, на доброто дело и на духовниот раст. Храната е важна, но не е сè на светот. Јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме. Нека ја испостиме и душата, и телото”, изјави нашиот соговорник.
Но, граѓаните ги мачи друго прашање: дали посната трпеза ќе им заштеди пари или ќе претставува дополнителен трошок во месецот?
Иако е рано, скопјанката Марија уште сега психички се подготвува за Велигденскиот пост.
„Наместо чоколадо, ќе јадам урми. Наместо млеко, ќе пијам оризова вода. Наместо месо, ќе се насладувам со повеќе овошје и зеленчук. Не знам колку поевтино ќе поминам, но барем ќе го испостам телото и знам дека ќе ми годи”, изјави Марија.
Верниците се повикани да му пристапат на постот со почит кон својата вера и да го испратат Велигден во духовност и созерцание.
Иако некои верници ќе се обидат да купуваат специјални посни намирници, воопшто не е задолжително да се трошат повеќе пари за храна за време на Велигденскиот пост.
Важно е да се следи духовниот аспект на постот и да се пости со душа и срце.
Како се пости?
Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино.
Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.
Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра. Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.