Најголемиот дел од младите во Македонија сонуваат да работат во ИТ секторот, правото и економијата, но не и во занаетчиството затоа што сметаат дека е тешко и неисплатливо иако во последните 10 години дефицитот на квалитетни кадри и побарувачката за нив беа причина одредени занаети да се меѓу најплатените професии.
Автолимарот Момчило од Велес повеќе од 30 години поправа автомобили и занаетот го наследил од својот татко. Момчило подолго време бара млад работник на кој ќе му ги пренесе сите тајни на занаетот, но безуспешно. Подготвен е да го обучи бесплатно иако е свесен оние што набрзина го испекле занаетот во Македонија често заминуваат во странство.
Поради дефицотот на кадри, во некои занаети мајсторите мора да одработат некоја задача и откако ќе заминат во пензија. Некои од нив не сакаат да ги одбијат клиентите затоа што им биле редовни години наназад.
Занаетчиите сметаат дека и во Македонија добро се заработува и не мора да се замине во Германија и Швајцарија каде што се работи за минимална плата. Оној што е упорен и има доволно храброст може да отвори мала компанија и да аплицира за работа на поголеми проекти.
Еден од нив е Новица, 39-годишен плочкар од Куманово кој сега живее во Скопје. Тој е меѓу ретките мајстори што не заминале во странство ниту пак планираат да ја напуштат земјата.
“За оние што сакаат да работат и тука има многу работа. Наплаќам 15 евра од квадрат за плочки, а денес залепив 10 метри квадратни. Заработив 150 евра дневница за осум часа. Зошто би одел во странство кога и тука може да ви биде Германија “, истакна плочкарот.
Државата нема евиденција колку во последните години е намален интересот на младите за работа во занаетчиската дејност.
Од Агенцијата за вработување промовираат мерки за вработување во рамки на Оперативните планови на годишно ниво, посебно за младите невработени лица до 29 години како што е финансиската поддршка за самовработување и се вршат бесплатни обуки за вештини.
За младите занаетчии постои финансиска поддршка за самовработување и се вршат обуки за подобрување на вештините. Висината на финансиската поддршка се движи од од 5.000 до 10.000 евра.
Министерството за економија почнувајќи од 2010 година го поддржа занаетчиството преку 41 проект на занаетчиските комори во вкупна вредност од 340.000 евра, но тоа беше премалку за да се мотивираат младите наместо дигитални вештини да учат занаетчиство.
Дефицитот на кадри и изумирањето на старите занаети се обиде да го сопре и Град Скопје со субвенции за педесетина занаетчии, меѓу кои јорганџија, ковач, лимар, шапкар, копчар, свеќар.
Тие добија субвенции по 10.000 денари кои не се доволни да се покријат месечните режиски трошоци.