Веста дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство за февруари изнесувала 57.476 денари ја вознемири јавноста и го постави прашањето дали еден граѓанин може да го прехрани своето семејство ако работи само една работа во текот на денот.
Ова зголемување е речиси 60 отсто во однос на јануари 2022 година кога кошничката изнесуваше нецели 36.000 денари. Taa ги вклучува минималните трошоци за храна, облека, станарина, режиски трошоци, грижата за здравјето, транспорт, образование и други потреби.
Ако во 2022 година на едно семејство му била потребна една минимална плата и половина за да го преживее минимално месецот, во моментов на четиричлено семејство ќе му требаат две и пол минимални плати. Во исто време, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2023 година изнесувала 38.359 денари. Ова значи дека на едно семејство со само еден вработен му недостигаат над 19.000 денари за да може да преживее.
Ако семејството плаќа кирија или станбен кредит, тогаш ситуацијата е уште поалармантна.
Просечната цена за стан од 50-60 метри квадратни во Скопје е 250 евра месечно, а 30-годишниот Мартин од населбата Ченто во Гази Баба плаќа 200 евра за двособен стан во кој живее со сопругата и едно дете. Со неговата плата од 35.000 денари може да си дозволи само да ги плати режиските трошоци и сметките кои со кирија, електрична енергија, вода, интернет и одржување на зграда изнесуваат 20.000 денари.
– Со останатите 15.000 денари треба да јадеме сите. Не дај боже да се појави непредвиден трошок за лекување, поправка на возило или проблем со техниката во станот. Животот под кирија е тежок и затоа морам да работам дополнително, односно да останувам неколку часа повеќе на работа за да извадам уште половина од платата. Ако не одработам повеќе часови во текот на неделата, тогаш одам во сабота затоа што имам екстра дневница. Време за семејството немам затоа што морам да ги покријам трошоците за живот кои во последните две години се зголемија двојно – вели Мартин кој е механичар и работи во сервис за камиони.
Овие семејства ги купуваат само основните прехранбени производи и наместо квалитет одбираат најниски цени. Кога купуваат облека, секогаш предност им даваат на производите кои имаат попуст. Имаат еден автомобил и користат јавен превоз со најмалку еден месечен билет. Луксуз е јадењето во ресторани, дури и храната од сендвичара.