General Motors (GM) се подготвува да ги затвори своите фабрики во Мичиген, Охајо, Мериленд и Канада и да го намали бројот на вработени за 15 отсто со цел да го исполни планот за намалување на трошоци кој беше креиран за да ја зголеми профитабилноста на компанијата, јавува порталот USA today.
Агенцијата AP прецизира дека GM ќе отпушти 14.700 општи и административни работници во Северна Америка кои заработуваат фиксни примања и дека ќе дојде до затворање на дури пет погони.
Меѓу работниците кои ќе мора да си бараат нова работа се и 8.100 профили кои се занимаваат со административна работа, а еден дел од нив ќе добие пакет акции во компанијата.
Без работа можат да останат дури 3.000 работници во Канада и уште 3.600 во САД. Дел од американските работници ќе бидат префрлени во фабриката за камиони и SUV автомобили – сектори каде GM го зголемува производството, соопштија од компанијата.
Најголемиот број од работниците кои ќе останат без работа се од погони кадешто се произведуваат автомобили кои од следната година нема да се најдат на пазарот на САД.
Редукцијата на бројот на вработени во GM претставува 15 отсто од вкупната работна сила на компанијата во Северна Америка којашто брои 54.000 луѓе.