Социјалните мрежи се претворија во поле на кое измамниците на најразлични начини ги ловат своите жртви, но најновата голема измама што во моментов е актуелна е фиктивното „изнајмување“ евтини луксузни апартмани во Грција во текот на летото.
Овие измамници бараат депозит од 100 до 500 евра за секоја резервација, а веднаш откако жртвите ќе ја извршат уплатата, тие исчезнуваат.
Фејсбук страницата „Грчка инфо” ги предупреди своите корисници за оваа активност.
Според туристиките работници, граѓаните треба да избегнуваат закупување на апартмани преку социјални мрежи, бидејќи не постои начин да се потврди дали понудата е легитимна или се работи за измама.
Секоја година, стотици туристи се оштетени на овој начин.
Порталот „Грчка инфо” го објасни методот на кој измамниците успеваат да примамат луѓе. Тие ги следат лицата кои бараат сместување во Грција преку Фејсбук групите и потоа им нудат туѓи апартмани преку приватни пораки.
Честопати станува збор за нереално ниски цени, иако тоа не е правило.
Измамниците го земаат депозитот на различни начини (преку Вестерн Јунион, Револут, МаниГрам…) и потоа престануваат да комуницираат со жртвите.
Експертите советуваат дека, доколку туристите сепак сакаат да најдат апартман преку овие групи, треба да внимаваат да закупат од некој кој јавно нуди сместување, со објави кои сите можат да ги видат, со фотографии, цени и локација, а не од некој кој им испраќа понуди приватно.
Еден измамен турист објави дека наводниот сопственик на апартманот зел депозит и потоа исчезнал. Тој прашал што да прави бидејќи не добивал одговор на повиците. Во коментарите, уште едно лице изјавило дека имало исто искуство.
„Грчка инфо” наведе дека една жена останала без своите 100 евра, но за жал, имало и такви кои изгубиле од 400 до 500 евра.
Туристичките работници потсетуваат дека овие видови на измами се актуелни веќе неколку години и дека тие постојјано ги предупредуваат граѓаните да не закупуваат сместување преку социјални мрежи.
„На интернет секој може да објави што сака, да објави секаква фотографија и да приложи секаква цена. Обично користат фотографии од прекрасни куќи со базен, а луѓето мислат дека токму тоа ќе го добијат. По правило, откако жртвите ќе уплатат некаков аванс, тие повеќе не се јавуваат. Така, секоја година стотици граѓани се измамени на овој начин“, објаснуваат туристичките работници со коишто Denar разговараше.