На убавите работи секогаш им доаѓа крајот, а истото може да се каже и за „Audi R8“, чие производство и официјално заврши.
Оваа информација воопшто не е изненадување бидејќи германската компанија претходно најави крај на производството за првиот квартал од оваа година, но тоа сепак не значи дека крајот на моделот R8 не остава горчлив вкус.
„Audi“ не се огласи по повод производството на последниот примерок, но „Top Gear“ потврди дека последниот автомобил е произведен во фабриката „Böllinger Höfe“ во Германија. Станува збор за купето „R8 V10 Performance Quattro Edition“ во Vegas жолта боја со бронзени бандажи и карбонски пакет.
Последниот произведен примерок ќе има мирен живот бидејќи наводно ќе биде сместен во музеј, со цел идните генерации да се потсетуваат на старите добри денови. Долгиот животен век на R8 е доказ за неговата популарност, а кога официјално беше објавен неговиот крај, компанијата доби голем број на нарачки и мораше да го продолжи производството за неколку дополнителни месеци.
За потсетување, R8 беше најавен со концептот „Le Mans quattro“ на Саемот за автомобили во Франкфурт во 2003 година. Привлече големо внимание и одлични коментари, а продукцискиот модел пристигна три години подоцна и го подигна брендот на ново ниво. Исто така, овој модел се појави во првиот филм „Iron Man“, а втората генерација пристигна во 2015 година со претставувањето на Саемот за автомобили во Женева. По него следеше „R8 e-tron“ кој кратко траеше.
Ако R8 некогаш биде оживеан, најверојатно ќе го следи патот на „R8 e-tron“ и ќе има целосно електричен модел. За тоа има многу гласини, а најновите велат дека „развојот на електричен наследник на R8 е во напредна фаза“.