Просечната плата во една од најпрофитабилните институции во Македонија АЕК изнесува околу 1050 евра објави „Фактор“. Според пресметката на финансискиот извештај за 2023 година само за плати на вработени биле потрошени 107.2 милиони денари или 4.65 отсто повеќе во однос на една година претходно.
Ако сте ги виделе огласите што ги објавува АЕК платите што се нудат дури и за македонски услови се огромни. Се нуди почетна плата до 90 илјади денари па дури и без работно искуство.
АЕК поради атрактивноста на платите во јавноста важи за институција каде се вработуваат членови на потесните семејства на актуелни функционери. Таму работеле сопругата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потоа сопругите на поранешните генерални секретари на владата - Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер, итн. Таму работи и снаата на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази, како советник за компјутерски инциденти. Една година претходно таму се вработи и наставничка од музичкото училиште од Битола како соработник за информатички технологии.
Забележително е тоа што биле потрошени 150.000 евра како дневници за службени патувања, што е за 80 отсто годишно зголемување. 145.000 евра биле потрошени за К-15 и други награди што е годишно зголемување за дури 200 проценти.
28 милиони денари е трошокот за ангажирање на услуги од надворешни лица, што е за 10 отсто повеќе за една година. За компјутерска и мерна опрема се исплатени 103,7 милиони денари, или за 64,25 отсто повеќе.