Колку неработни денови ќе има за Велигден и 1-ви мај? Ова се идеи како да останете подолго на одмор.
Со 4 дена од одмор, одмарајте 12 за 1-ви Мај и Велигден
Одлична можност да одмарате е во месец мај. Доколку користите одмор на 2, 7, 9 и 10 мај, ќе одмарате од 1-ви до 12 мај. Односно вкупно 12 дена.
Оваа година покрај стандардните неработни денови кои беа објавени кон крајот на минатата година, ќе има два дополнителни неработни дена.
И двата неработни дена ќе бидат во среда, поради оддржувањето на двата изборни процеси.
Па така за оддржувањето на првиот круг Претседателски избори неработен ден ќе биде 24 април 2024 – среда. Потоа за оддржувањето на евентуалниот круг од Претседателски избори и редовните Парламентарни неработен ден ќе биде 8-ми мај, кој исто така се паѓа во среда. Така, ќе можете да споите од 1-ви до 12-ти мај, со само 4 дена од одмор.
Со малку повеќе математика, повеќе време за букирање на апартмани, хотели или евтини карти со „Виз Ер“, може да се направат неколку кратки одмори, доколку можете да си го дозволите тоа и притоа да искористите само неколку дена од одморот кој според Законот за работни односи е минимум 20 работни дена.
ПРОДОЛЖЕНИ ВИКЕНДИ
Следен споен викенд е 24 мај (петок) или Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители. Овој ден заедно со уште два дена од одморот во четврток и петок е доволен за мини-одмор во евтината претсезона на некоја од најблиските плажи во Грција или Албанија.
Продолжен викенд не чека и на 21 јуни (петок), петок пред Духовден кој е неработен за православните граѓани. Краток одмор од три дена споен викенд може да се земе и на 2 август (петок) за Ден на Републиката, потоа за 8 септември (недела), Ден на независноста, односно на 9 септември (понеделник) е неработен ден.
Сите граѓани ја завршуваат годината со продолжени викенди во октомври, за Денот на народното востание, 11 октомври (петок) и на 9 декември понеделник кој е неработен ден поради празнувањето на 8 декември (недела), Св. Климент Охридски.
Граѓаните од католичка вероисповед ќе ќарат продолжен викенд на 30 и 30 март, како и на 1 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, потоа на 1 ноември (петок), Празникот на сите светци.
Граѓаните припадници на албанската заедница во Македонија ќе имаат продолжен викенд од 22-24 ноември поради 22 ноември (петок), Ден на албанската азбука, а граѓаните припадници на ромската заедница во Македонија ќе го поврзат 8 април (понеделник), Меѓународен ден на Ромите.
Според националните календари и законски уредените денови за празнување, Македонија е меѓу земјите во Европа со најмногу празници во годината, заедно со Кипар и Словачка.
Со Законот за празници во Македонија како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници. Покрај државните се празнуваат и верски празници. Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни, верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена, додека верниците од муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат Курбан Бајрам.
Во регионот рекордер е Словенија со 15 дена државни празници, еден ден помалку има Хрватска, 13 има Бугарија, а Грција 12 дена. Србија е на дното на листата со само осум неработни празнични дена годишно како државни празници, но за неработни денови во оваа земја се прогласени и неколку верски празници, па вкупната бројка неработни денови изнесува 13. Во другите земји од Европа водат Кипар и Словачка со 15 денови прогласени за државни празници.