И оваа пролет, во екот на сезоната на садење дрвца и цвеќиња по парковите и булеварите, повторно на сцена стапуваат несовесните граѓани кои без грам срам, секоја година, обично во ноќните часови, ги крадат садниците и ги пресадуваат во сопствените дворови или ги препродаваат.
Овие лица, без оглед на законските норми и етичките принципи, се одлучуваат да посегнат по дрвцата, цвеќињата и по другите зелени површини на улиците и парковите.
Најчестите случаи на вакви кражби се регистрирани на териториите на општините Карпош и Ѓорче Петров.
Граѓаните, најверојатно во обид да го зголемат зеленилото во своите дворови, се одлучуваат да ги откорнат растенијата од јавните зелени површини и да си ги засадат на своите имоти.
Денар на оваа тема разговараше со екологисти и активисти за животна средина од Скопје кои велат дека ваквата појава секако може да има негативни последици за општеството, бидејќи се намалува бројот на дрвца и цвеќиња кои го украсуваат градот.
„За да се спречат вакви случаи, потребно е да се засилат контролните механизми и да се подигне свеста на граѓаните за значењето на зеленилото за општеството. Исто така, треба да се применат строги казни за лицата кои го кршат законот и го уништуваат зеленилото. Само со заеднички напори и одговорност кон природата можеме да го задржиме зеленилото во нашиот град и да го направиме Скопје подобро место за живеење“, коментираат активистите.
Од Град Скопје брифираат дека кражбите на цвеќиња најчесто се случуваат непосредно по садењето, односно кога земјата сѐ уште е ровка и коренот не е фатен.
„Ноќе ги крадат цвеќињата, јасно ни е, но немаме некоја посебна статистика за направените штети. Најчесто се крадат помали садници и цвеќе, а имало случаи кога се краделе и дрвца“, брифираат од Град Скопје.