Странците сè повеќе се одлучуваат да купат недвижен имот во Србија, пред сè во Белград и во Нови Сад.
Податоците на тамошниот Републички геодетски завод (РГЗ) покажуваат дека уделот на странските државјани за една година е речиси двојно зголемен, а интересно е тоа што токму Македонците се меѓу најголемите купувачи на куќи и станови во Србија, секако, ако се земат предвид само земјите од регионот.
Од вкупниот број купувачи на станови, учеството на оние кои живеат надвор од Србија лани се зголемил на 4,81 отсто, во споредба со 2022 година кога изнесувал 2,93 отсто.
Очекувано, најголем број странски купувачи на недвижен имот во соседна Србија доаѓаат од Руската Федерација.
Според српските медиуми, факт е дека најголемиот дел од купувачите на пазарот сè уште се државјани на Србија, но на динамиката на понудата и побарувачката значително влијаат купувачите од странство.
Нела Пешиќ од агенцијата „Раичевиќ некретнине“ открива дека Русите и Украинците најчесто се заинтересирани за куќи и за станови надвод од градското подрачје, додека, пак, Македонците најчесто купуваат куќи кои би можеле во иднина да се доградуваат.
„Државјаните од Русија последниве години се појавуваа пред сè како закупци на станови и деловни простории, но сега сè почесто се одлучуваат за купување. Основаат и голем број фирми кои понатаму се јавуваат во улога на купувачи на недвижности. Меѓу купувачите има и Украинци, додека најголем број купувачи од Европската Унија доаѓаат од Франција и од Германија. Има и државјани на Америка, Канада и на Австралија, а најголем дел од нив се од соседните земји, пред сè од Македонија. Се разбира, има многу наши граѓани кои живеат и работат во странство и кои традиционално купуваат недвижен имот на домашниот пазар како безбедно инвестирање. Странците најмногу бараат станови, но исклучок се граѓаните на Македонија кои купуваат куќи со цел натамошна доградба. Исто така, забележливо е дека на тамошниот нивен пазар излегуваат и Унгарци кои се заинтересирани за купување земјиште за градење“, објаснува Пешиќ.
Во моментов, цените на становите во Србија, особено во Белград и во Нови Сад, за мнозинството граѓани се исклучително високи и се движат од 2.500 до 10.000 евра за метар квадратен.