Македонците кои планираат да летуваат во Грција или во некоја од земјите од регионот, најдобро е да го наполнат резервоарот до горе ако сакаат да заштедат гориво. Кога станува збор за земјите од Балканот, горивото е најевтино во Македонија, а најскапо во Грција, покажаа анализите. Во пресметката на трошоците за одмор во Грција, летово треба да го вклучите и поскапувањето на патарините. За 30 до 35 отсто пораснаа цените на патарините во соседна Грција. Поскапувањето е и за патот „Егнатија“ кој го користат македонските државјани кога одат на одмор во оваа земја.
Поскапува патарината и на влезот од „Евзони“. Досега изнесуваше 1,80 евра, сега е 2,40 евра. Во Аспровалта од 0,90 на 1,20 евра, во Кавала од 1,40 на 1,85 евра. Единствено намалување на патарината е во Солун, на патот кон Атина, односно наместо досегашните 1,20 евра ќе платите 0,90 евра. Исто така значително поевтинување има патарината на патот кон Прохамонас, кон Бугарија, од 2,00 на 1,90 евра.
Освен патарините, висока ставка во буџетот за одмор е и горивото. Последните анализи покажуваат дека и годинава горивото е најевтино во Македонија, па така и Србија каде што горивата се поскапи им препорачува на своите граѓани кои патуваат во Грција да ги наполнат резервоарите во нашата држава.
Според податоците на сајтот Global Petrol Prices, кој ги следи цените на нафтените деривати во светот, литар бензин во Србија чини 1,62 евра, додека во Македонија чини 1,38 евра. Во Грција цените се повисоки и литар бензин ќе ве чини 1,94 евра.
Ако автомобилот ви е на дизел, во тој случај едно литар во Србија ќе ве чини 1,73 евра, во Македонија 1,23 евра, додека во Грција литар дизел ќе ве чини 1,73 eвра. Додека, пак, во Албанија литар бензин чини 1,81 евро, додека пак литар дизел 1,83 евра.
Статистичките податоци покажуваат дека во Грција во последно време е забележана повисока стапка на раст на цените, речиси највисока во последните две децении, а тоа се однесува и на сместувањето и на храната.
На пример, во некогаш малото рибарско село до Неа Потидеа, кое сега е топ дестинација поради близината до Солун за гиро ќе треба да платите 4 евра, а доколку ви го послужат како оброк во чинија, со прилози и без тортиља, ќе ве чини 7 евра. Аперол на плажа чини 8,5 евра, додека шолја „фредо капучино“ чини 5 евра. Мало пивото е 4,5 евра, додека цените на печивата во голема мера останаа исти.
Податоците покажуваат дека последниве години најмногу се зголемени цените на апартманското сместување. На пример, двокреветен стан во Никити, на почетокот на јуни чини 278 евра по лице, додека цената во сезона на крајот на јули и првата недела од август е двојно повисока и изнесува 588 евра.
Цените за изнајмување на студио/апартмани се и над 1.000 евра. За 10 дена на почетокот на јули треба да одвоите 920 евра, додека следниот термин е веќе 1.040 евра. Во Сарти на пример цената се движи од 258 евра по лице во втората недела од јуни, до 438 евра за истиот период два месеци подоцна. Во јули и август цените во Неос Мармарас одат и до 780 евра за изнајмување на апартман.