Во последно време, жителите на Скопје се соочуваат со значителни предизвици кога станува збор за одржување на хигиената во нивните домови.
Имено, многу е тешко да се најде хигиеничарка, односно куќна помошничка, која е слободна да се ангажира за чистење на домот барем еднаш месечно.
Млада мајка од Скопје сподели дека и покрај нејзината желба да го одржи својот дом чист и уреден, се соочува со тешкотии при наоѓањето на соодветна помош.
„Сите хигиеничарки со кои разговарав и кои ми ги препорачаа се пребукирани и имаат зафатени термини во идните 3-4 месеци. За основно чистење на мојот стан од 70 квадрати, тие обично бараат најмалку 2.000 денари. Но, парите не се проблем колку што не може да се најде жена која ќе прифати да работи”, изјави нашата соговорничка.
Од друга страна, хигиеничарка од Чаир, која сакаше да остане анонимна, ни откри дека иако се води како невработена, работата ѝ е толку барана што не може да најде време за одмор.
„Работам секој ден, без слободен ден. Некогаш си велам да одморам барем во недела, ама ми се јавуваат редовни муштерики и буквално ми плачат на телефон молејќи ме да им завршам работа. Од друга страна, добро сум платена. За стан од 70-80 квадрати обично наплаќам 2.000 денари, а во цената е вклучено бришење прашина, џогирање, чистење на кујнските апарати, бришење прозорци и чистење на тоалетот. Работам брзо и обично завршувам со сите обврски за 4-5 часа. Но, еве, сега ќе заминам месец дена на гости кај ќерка ми во Германија и муштериките веќе почнаа да креваат паника“, ни раскажува хигиеничарката.
Овој тренд укажува на поголемата потреба од квалификувани професионалци во оваа област, како и на потенцијалните економски прашања кои можат да влијаат на семејствата кои се обидуваат да одржат стандард на чистота во своите домови.
Исто така, поставува прашање за вредноста на овој вид труд и потребата од подобра регулација и поддршка за оние кои работат во оваа сфера.