Регистрирани се само 380.000 граѓани во електронскиот систем за пријавување данок на УЈП. Според податоците од Управата, на само месец пред истекот на крајниот рок не се регистрирале ниту половина, бидејќи ваква обврска имаат околу 900.000 граѓани.
Откако ќе се пријават во електронскиот систем, граѓаните мора лично да се пријават и во даночните канцеларии на УЈП. Од Управата велат дека пријавувањето се прави само еднаш и затоа е потребно да дојдат лично поради верификација на личните податоци.
Од Управата за јавни приходи апелираат до граѓаните кои од какви било причини се спречени лично да дојдат во даночните канцеларии на Управата, да се пријават на контакт телефоните на УЈП со цел регистрацијата да се изврши во нивните домови.
Инаку, УЈП ги ослободи пензионерите од оваа обврска доколку пензијата е нивниот единствен приход. Но, околу 45.000 пензионери, кои имаат и дополнителни примања по кој било основ, сепак мора да се регистрираат во системот на УЈП.
Во работните денови шалтерите на УЈП се отворени до 21 часот, а во саботите до 14 часот. Во функција се и мобилни пунктови на Управата. Крајниот рок за пријавување е 31.12.2018 година.