Денес и утре (вторник) во Македонија ќе имаме вистинско пролетно и сончево време, со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и од југозападен правец, најави метеорологот Славчо Попоски.
Сепак во попладневните часови ќе има услови за изолирана нестабилност, проследена со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено утре. Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 27 степени.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време.
Од среда попладне ни следува нова голема промена на времето, и тоа поради влијание на циклон од Медитеранот.
Од утре попладне до петок, нашата територија ќе биде под влијание на циклонска активност со центар над Медитеранот. Токму ова ќе услови поголемо дестабилизирање на Атмосферата, па така на повеќе места низ Македонија во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Оваа циклонска активност ќе предизвика локално процесите да бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град. Токму поради очекуваната појава на електрични празнења, препорачуваме крајна внимателност, односно граѓаните да не претстојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.
За време на оваа циклонска активност локално се очекува да наврне позначително количество на воден талог (над 25 л/м2).
И во Скопје и околината од утре попладне, до петок ќе има појава на повремен пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме, проследено со силен ветер и со појава на град.
Температурите во четврток и во петок позначително ќе опаднат и ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени. Пониски температури ќе имаме и за време на викендот, но нестабилноста ќе се намалу, а утрата ќе бидат значително посвежи, прогнозира Попоски.