Граѓаните на Скопје се соочуваат со ново значително поскапување на брзата храна, особено во сендвичарниците кои за многумина претставуваат решение за брз и практичен оброк.
Најновото зголемување на цените е забележано кај сите сендвичи, најмногу кај шарската плескавица, која сега достигнува цена од 280 денари, во споредба со 220 денари колку што чинеше до пред неколку дена.
Сопственикот на позната сендвичарница во Карпош, кој побара анонимност, во изјава за Денар рече дека „цените на производите се повторно зголемени поради општата скапотија, високите кирии и трошоците за струја, како и поради поскапувањето на намирниците кои се користат за приготвување на сендвичите“.
„Кашкавалот е многу скап, а шарските плескавици ги правиме исклучиво со млечен кашкавал. До пред некоја недела сè уште некако издржувавме, но сега откако цената на кашкавалот скокна до плафон, принудени бевме да ја поскапиме шарската плескавица. И точно е, до пред неколку дена сендвич со шарска плескавица го продаваме за 220 денари, но сега го продаваме за 280 денари. И мислам дека цените допрва ќе растат“, изјави соговорникот.
Скопјанката Симона, која е на возраст од 40 години, сподели дека заедно со нејзиниот сопруг и ќерка неодамна решиле да ручаат сендвичи, но биле изненадени од цената.
„За три хамбургери плативме 840 денари. Тоа е прескапо за македонски услови. Претеризам. За тие пари можевме да седнеме да ручаме во ресторан како луѓе. Барем ние сме генерација која израсна на сендвичи од 60 денари. Ако се сеќавате, пред десетина години толку чинеше хамбургерот. А сега, скоро 5 евра. Срамота!“, изјави револтирано Симона.
Според ценовникот во истата таа сендвичарница, обичен хамбургер чини 200 денари, чизбургерот е 230 денари, бургерот со батак е исто така 230 денари, растурениот хамбургер е 220 денари, бургерот со шарска плекавица е 280 денари.
Еден кебап чини 20 денари, сендвич со 5 кебапи чини 150 денари, а 210 денари ќе платите ако сакате помфрит во сендвичот со 5 кебапи.
Оваа ситуација ги става потрошувачите во тешка позиција, бидејќи многу од нив се зависни од брзата храна како економичен и брз начин за исхрана.
Сепак, со новите цени, брзата храна станува луксуз кој не сите можат да си го дозволат.