Свети Кирил и Методиј — браќа родени во Солун во IX век, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија.
Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик. По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените.
Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.