Општина Гевгелија со градот и околните места има вкупен број на население помал од 20.000 жители, според последниот попис, но местоположбата и природните ресурси не ја спречуваат да ги има едни од најуспешните бизниси во земјата.
Во тоа предничат компаниите за приредување игри на среќа. Во првите единаесет со најголема остварена добивка во 2023 ги има дури три - Макотен, Принцес Хотел и Казино и Фортуна Интернационал. Сите три компании имаат лиценци за свои казина, сместени во хотели.
Дием-ГП, Випро, Техноалат Комерц и Вори, компании кои произведуваат брендиран ајвар, домашни традиционални специјалитети и други преработки на овошје и зеленчук, се меѓу најуспешните во 2023. Нивната вкупна добивка е поголема од 3 милиони евра.
Конти Хидропласт и Интер-Констракшн се компании специјализирани за производи од пластика, како цевки и шахти. Елмотерм на Коста Гацев инсталира фотопанели, а Лемекс Транспорт на Лефтер Шутов е друштво за товарен превоз.
Роуд Гамес Интернационал е програмерска компанија на Александар Сламков со шест вработени и раст на добивка од 78 отсто. На БС Билдинг, основана во 2019 од Бранислав Палазов и Стефан Русев, конечно му тргнало во изградбата на станови.
Меѓу компаниите со најголеми добивки од Гевгелија е и Итек Системс, која инсталира видеонадзор и други безбедносни системи, како тој за противпожарна заштита и друго. Компанијата на електроинженерот Тодор Бегов има 56 вработени и има своја подружница во Скопје. А.К.