ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА Е „ЗЛАТНА КОКОШКА“ НА ДРЖАВАТА
Со почетокот на јуни, почна и метежот на граничните премини за влез и за излез од државава. Петок попладне и сабота наутро се критични термини. Километарски колони има и на Табановце и на Богородица.
Помалку чекање има на патарините по должината на коридорот 10, кој ги поврзува граничните премини со Србија и со Грција, поради воведениот единствен систем со кој возачите од двете земји имаат можност да платат патарина со намалување на брзината, без застанување.
Токму од туристите на поминување низ Македонија, од кои најголем број се од соседна Србија, најголем ќар имаат патарините со кои управува Јавното претпријатие за државни патишта.
Ова претпријатие е едно од ретките во сопственост на државата што секоја година се наоѓа на листата со најпрофитабилни компании, секогаш меѓу првите десет по остварената добивка.
Според јавно достапни податоци, приходите и добивката на ЈП ДП растат од година на година. Ако во 2021 година приходот на ова ЈП изнесувал 9 милијарди денари (147 милиони евра), во наредните две години (2022 и 2023 година) биле остварени по околу 13 милијарди денари (по 210 милиони евра) од година.
Тоа се огледува и кај добивката, која прогресивно расте и ако во 2021 година изнесувала 1,5 милијарди денари (24 милиони евра), во наредната 2022 година била 3,5 милијарди денари (56 милиони евра), а лани била остварена рекордна добивка од 5,9 милијарди денари (96 милиони евра).
Најголем процент од приходите ЈП ДП има од наплатата на патната такса за користење на автопатиштата. Во земјава важат различни цени за плаќање патарина во денари и во евра.
Плаќањето може да биде и со платежни картички, но и со купување М-кард, а најкорисно е да се има регистриран „таг“ и да се користи и во Македонија и во Србија (важи и за српските возачи), со кој можат да се поминат патарините со крената рампа.
Во периодот откако започна заедничката електронска наплата на патарина со примената на еден „таг“, а тоа е од јуни 2023 година и секојдневно се користи, наплатени се над 21 милион денари (над 340 илјади евра) од користењето српски „тагови“ во Македонија.
Добро е да се напомене дека картичките кои српските граѓани ги добија од македонската Влада, во текот на ковид-кризата, за бесплатно минување низ патарините, сè уште важат и треба само да се надополнат.
Така, само од патарина во 2021 година биле собрани 46 милиони евра, а во 2022 година – 53 милиони евра. Лани, пак, биле собрани рекордни 62 милиона евра, а тој нагорен тренд продолжил и во првите пет месеци од 2024 година, кога од патната такса биле инкасирани 23,6 милиони евра.
Вкупните приходи на ЈПДП од наплата на патарина за оваа година се проектирани на износ од 4,4 милијарди денари (71,5 милиони евра).
Од ЈП ДП информираат дека на системот на еден „таг“ има 1.864 корисници во двете држави. Од 2019 година, кога е воведена електронската наплата, досега, продадени се 177.688 М-кард и 27.088 М-таг уреди. Од почетокот на годинава досега, продадени се 7.501 М-кард и 5.983 М-таг уреди, што укажува на тенденцијата на зголемување на учеството на електронските уреди во наплатата на патарина.
Сепак, како што информираат од ЈП ДП, 57 % од учесниците во сообраќајот сè уште преферираат да плаќаат во готовина, а 12,23 % плаќаат со користење платежни картички.