Статистичките податоци за првиот квартал годинава покажуваат дека генерално имаме помал број на патници во автобусите. Најголемо намалување на патници има во меѓународниот автобуски превоз.
Превозниците велат дека има повеќе фактори зошто опаднал бројот на патници во автобускиот превоз. Луѓето даваат предност на авионскиот превоз, веројатно помалку патуваат во зимските месеци, но и економската состојба влијае на можностите за патување.
„Сега луѓето сакаат да патуваат со авион, има евтини билети. Кај нас има периоди кога падот на патници е и до 50 отсто. Возиме за Берлин, Рим, но патници има помалку од порано“, велат од тетовска компанија за превоз на патници.
И другите превозници додаваат дека луѓето сè почесто патуваат со авион наместо со автобус.
„Авионски си патуваат луѓето. Бираат авион пред автобус. Оваа година повеќе се чувствува отсуството на патници во автобусите“, велат од траспортна компанија од Куманово која сообраќа на дестинации низ Европа.
Сепак, се смета дека во летниот период, фреквенцијата на патници во автобусите ќе се зголеми поради одморите.
„За меѓуопштински превоз, послаби се месеците кога нема студенти, кога децата не одат во училиште. Многу е голема конкуренцијата од страна на авиокомпаниите и луѓето сакаат побрзо да стигнат до одредена дестинација. Пад на животен стандард секако е фактор. Кога има екскурзии, во тој период секако ќе има поголем број патници во автобусите“, велат од „Штуз“ од Куманово.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број превезени патници, во патничкиот патен превоз, во првото тримесечје од 2024 година изнесува 10.766 илјади и во однос на истиот период од претходната година е намален за 17.2 отсто. Според видот на превозот, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 22.2 отсто, во приградскиот превоз е намален за 13.1 отсто, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 6.6 отсто, а во меѓународниот превоз е намален за 32.6 отсто. Во првото тримесечје од 2024 година, во однос на истиот период од 2023 година, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е намален за 12 отсто. Претходно, превозниците укажуваа дека после пандемијата на коронавирусот, на луѓето им требаше време за повторно да патуваат како порано и превозот на патници да се стабилизира.