Континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа е императив во борбата за намалување на загубите на вода од извор до чаша, која согласно податоците за 2023 година на ниво на цела држава во просек изнесува над 60 проценти.
Ова беше истакнато на 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG (European water regulators), што се одржува денеска во Скопје.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски посочи оти во регионот сме една од земјите со највисоки загуби.
– Во Македонија загубите на вода, некаде на ниво на цела држава се, 62-63 проценти.
Ние како регулаторна комисија за енергетика во повеќе наврати кажавме дека не бегаме од одговорност и сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги, имајќи предвид нашето искуство и во енергетиката, со тоа што гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број инвестиции и за сметка на тоа, ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и притоа, нема да предизвикаме никакви ценовни шокови.
Значи, со намалувањето на загубите, ќе се зголемат количините што ќе се фактурираат и на тој начин, нема да има никакви потреби од зголемување на цената за водните услуги, рече Бислимоски.