Границата и политиката не претставуваат пречка за поврзување на жителите од Грција и од Македонија.
Додека Македонците масовно заминуваат на грчките плажи во летниот период, Грците, во текот на целата година, масовно ги „окупираат” Гевгелија и Дојран, гледаат да завршат работа и си одат. Купуваат храна, гардероба. Доаѓаат и за маникир, педикир, потстрижување во салоните, да ручаат во ресторантите, да си ги поправат забите, да си ја пробаат среќата во казината, а на одење да си ги наполнат резервоарите на автомобилите. На секој чекор во Гевгелија и во Дојран се профитира од нив, како што профитираат тие од нас во лето. A, во последниве десетина години, за грчките пензионери од пограничните места станува актуелно и изнајмувањето станови во Гевгелија, во текот на целата година, за 100 до 150 евра, додека во Грција тоа е неколку пати поскапо.
Што е она што ги мами Грците секојдневно и сè помасовно да ги посетуваат Гевгелија и Дојран: шопингот, коцкарниците, евтините стоматолошки услуги, поевтината храна, бензинот, фризирањето… Ако треба веднаш да одговориме на ова прашање, одговорот е и едното, и другото, и третото, и да завршиме тука со овој текст. Но, не оди тоа толку едноставно. Затоа ќе одиме по ред, како што е вообичаено.
Минатата година, според податоците од Државниот завод за статистика, нашата земја ја посетиле 734.139 странски туристи и турските туристи, веќе традиционално, се најбројни во Македонија. Нивниот број бил 195.448, на второ место биле Србите со 71.012 туристи, а и Грците дошле во солиден број. Лани биле регистрирани вкупно 39.971 грчки турист.
Најголем дел од Грците се гости на пограничните градови Гевгелија, Дојран и Битола. Можеби, звучи малку нереално, но реалноста е таа и вели дека, по Охрид, Скопје и Струга, Гевгелија има најголем број туристички ноќевања. Минатата година Гевгелија имала над 50.000 ноќевања, а Битола, да речеме, имала речиси двојно помалку. Чести гости се Грците, но и Србите.
Иако е помало место од Гевегелија, и во Дојран може да се заработи многу од грчките посетители, едноставно поради фактот што Дојран е веднаш до границата со нашиот јужен сосед.
Поради местоположбата на Гевгелија и на Дојран, речиси сите помали бизниси, како и услужните дејности во овие два града, зависат претежно од посетата на Грците, но, без потценување, и од нашите граѓани.
Еден од главните мотиви за патување на Македонците во Грција, како што е познато, е туризмот, поточно уживањето на грчките плажи. Ние, Македонците, уживаме во морето, храната и во пијалаците, особено во нивните кафе и гиро.
Од друга страна, пак, еден од главните мотиви за патување на Грците во Македонија е трговијата. Особено јужниот македонски град, Гевгелија, е привлечен за Грците од пограничните населени места, но има и посетители од Солун. Грците доаѓаат тука најмногу во четврток, кога е пазарен ден или за викендите, поради пониските цени.
Македонија има пониски цени на производите и на услугите од Грција, што ги привлекува Грците да пазаруваат поевтино.
Целиот текст прочитајте го на: vecer.press