Многу од нашите туристи прашуваат како се движат цените на храната и пијалоците во маркетите, но и на плажите. Она што сите ги интересира е цената на лежалките и другите неопходни реквизити за на плажа.
На Инстаграм страната на nikana.gr се појави соопштение во кое се наведува дека во Платамона можете бесплатно да добиете лежалки со нарачан пијалок.
- Сезоната исто така почна порано во Платамона. На плажите има многу луѓе. Цената на гирото е четири евра, а лежалките се уште се достапни со нарачаниот пијалок - се наведува во соопштението.
Исто така, минатата сезона во Неи Пори, туристите на плажите можеа да добијат сет лежалки бесплатно со нарачаното кафе или пијалок.
- На плажа сме од раните утрински часови. Нарачуваме кафе и можеме цел ден да останеме таму и никој да не не чепка или пак да ни врши притисок да нарачаме нешто друго. Плаќаш три евра за кафе и добиваш две лежалки и чадор. Многумина се жалат на цените на лежалките, но има и вакви места каде што не треба да се плаќа за нив, вели една посетителка.
Дополнително, во однос на цените во Паралија, оваа сезона гиро со цаѕики салата чини 3,5 евра (мало), средно (нормално) 4 евра, а големо (xxl) е 5 евра. Ако сакате дополнителен помфрит, тоа ќе ве чини 2 евра, а сокот ќе ве чини 2 евра. Во друг ресторан големо гиро со свинско или пилешко чини 3,5 евра. Додека во некои има понуда во која гиро со сок или пиво чини 5 евра.
Инаку, во некои грчки објекти сет лежалки чинат и до 20 евра во претсезона, но секако зависи од местото и ресторанот. Дневното изнајмување на чадори за сонце е од седум до 12 евра, додека душеците се поевтини и чинат од 4,5 до седум евра. Што се однесува до душеците на надувување, изнајмувањето е скапо и се движи од десет до 30 евра, додека крпите чинат од 10 до 15 евра.