Дали некогаш сте виделе пилот со брада? Најверојатно не, бидејќи повеќето авиокомпании не сакаат брада. Според портпаролот на американската Федерална управа за авијација (FAA), брадите и мустаќите можат значително да влијаат на безбедноста на авионите.
„Немаме никакви регулативи кои бараат пилотите да бидат чисто избричени, но многу авиокомпании бараат пилотите да бидат голобради или со минимална брада, така што маските за кислород ќе се вклопат правилно ако мора да се носат“, објасни портпаролот на ФАА.
„Ние бараме маските за кислород да бидат функционални, а авиокомпаниите може да бараат од пилотите да бидат избричени или да имаат мала брада за да го обезбедат тоа“, додава тој.
Во „Делта ерлајнс“ на пилотите им е забрането да имаат брада и мустаќи за подобро да се вклопи маската за кислород, а слична политика има и „Американ ерлајнс“.
„Не дозволуваме пилоти со брада на активна должност бидејќи безбедноста е една од најважните работи во нашата индустрија“, објасни нивниот портпарол.
Како што пишува New York Post, овие правила произлегуваат од студијата на FAA од 1987 година наречена „Ефектот на брадата врз перформансите на маската со кислород“. Потоа откриле дека пилотите со брада не можат брзо да ја стават маската за кислород, ниту пак почувствувале дека таа ефикасно се вклопува на нивното лице.