Новиот министер за економија Бесар Дурмиши денес рече дека барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра, но и стабилизацијата на цените, ќе биде негов приоритет во првите 100 дена од работата.
Најави дека на првиот состанок на Економско-социјалниот совет под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра.
– Ќе започнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавачите уште на првиот состанок на ЕСС со кој сега јас ќе претседавам. Мора да ги имаме во предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис секторот – рече Дурмиши.
Тој нагласи дека ќе продолжи процесот на изработка на новиот закон за работни односи и на законот за безбедност и здравје при работа, кои, додаде, ќе бидат во насока на унапредување на правата на работниците.