Многу од овоштарите веќе можат да се пофалат со добар род на крушата. Неа ја има на пазарите и се наоѓа по цена од 50 до 60 денари за килограм. За разлика од претходните години кога имаше штети, родот беше помал, а цената повисока, оваа сезона е подобра.
„Јас имам 40 дрвца круши. Родот е добар. Моите дрвца се млади, пред 5-6 години се засадени. Килограм ги продаваме по 50-60 денари. Ги нудиме по роднини, пријатели, ги носиме по пиљари. Од 40 дрвца, набрав 300 килограми круши. Постарите садници ќе родат повеќе, можеби и двојно“, вели овоштар од кавадаречко.
Постарите овошни садници имаат полн род. На македонско тло се одгледуваат повеќе сорти на круши.
„Дали има добар род, тоа зависи од место до место. Јас годинава со болести имав проблем, требаше повеќе заштита. Нема да биде идеално, ама нема да биде ни слаб родот на крушата. Едно дрво може да роди 10, 15 килограми. Зависи од годината. Значи после 8 години имаат полн род. Кај мене доминира една сорта, виљамовка, а останатите 20 отсто се други сорти. Имам над 1.000 дрвца“, објаснува Зоран Стоилков, овоштар.
Овоштарите велат дека дождот позитивно би влијаел на родот на доцните сорти.
„Круша прва класа уште нема на пазарите. Нив ќе ги има од средината на август. Сега се присутни раните круши. Добра е годината. Имаше лоши години претходно. Имаше мраз, град. Пред две – три години родот беше слаб. Јас имам 220 дрвца. Едно мало дрвце може да роди од 5 до 10 килограми круши. Но, има и дрвца што раѓаат до 30-40 килиграми, станува збор за стари дрвца“, објаснува овоштар од Ресен.
Агрономот Весна Севдинска вели дека во струмичко и виничко, во потоплите краеви им одговараат временските услови и крушите таму најмногу успеваат. Инаку, во главниот град се случувало крушата да достигне цена од 120 денари за килограм.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) лани се произведени 6.075 тони круши во Македонија. Во 2023 година, производството на круши е намалено за 41.2 отсто според ДЗС. Во 2022 година, имало поголеми количини, односно 10.327 тони. Во 2021 година пак имало помали количини, 6.631 тони. Во 2020 година родот на круши во земјава изнесувал 8.790 тони. Во 2019 година производството на круши изнесувало 8.048 тони. Една година претходно, се произведени 8.055 тони од ова овошје.