Со приближувањето на летните месеци, многумина се соочуваат со предизвикот да најдат соодветно сместување за своите домашни миленици.
Во потрага по решение, сè повеќе сопственици на кучиња се обраќаат кон пансионите за кучиња како варијанта за време на нивното отсуство.
Во склоп на истражувањето, новинарскиот тим на Денар посети неколку пансиони за кучиња во главниот град и откри дека цените за ноќевање варираат од 900 до 2.000 денари.
Во разговор со вработена во еден реномиран пансион дознавме дека интересот за услугите значително се зголемува во летниот период.
„Секоја година, кога сопствениците на кучиња ги планираат своите одмори во странство, ние имаме двојно повеќе работа. Тие сакаат да бидат сигурни дека нивните кучиња ќе останат во сигурни и грижливи раце“, изјави една од вработените во пансионот.
Со дневна цена од околу 1.000 денари, која варира во зависност од расата и големината на кучето, сопствениците можат да очекуваат целосна грижа и внимание за нивните миленици, вклучувајќи храна, игра и дружење со други кучиња, додава нашата соговорничка.
Инаку, пансионите не само што нудат сместување, туку и целосно искуство за кучињата. Од пространи дворови за играње до индивидуални програми за вежбање, секој пансион се стреми да обезбеди најдобра можна атмосфера за своите гости.
„Нашата цел и обврска е да обезбедиме кучињата да имаат удобен и забавен престој, така што кога нивните сопственици ќе се вратат, ќе ги најдат своите миленици среќни и здрави“, вели вработената.
Оваа услуга е особено важна за оние кои не можат да најдат ‘пет френдли’ сместување или немаат пријатели или роднини кои можат да се грижат за нивното куче во периодот додека се на одмор во странство.
Пансионите за кучиња стануваат сè попопуларни, а сопствениците се уверуваат дека нивните миленици ќе добијат најдобра можна грижа.
Со разновидни опции и пакети кои се прилагодуваат на различни потреби и буџети, секој може да најде соодветно решение за своето куче.
Во време кога патувањата стануваат сè почести, а летните одмори се неизбежен дел од годината, пансионите за кучиња нудат мир на умот за сопствениците.
Тие можат да уживаат во својот одмор знаејќи дека нивните верни пријатели се на безбедно место, со сè што им е потребно за среќен и здрав престој.