Летото е во полн ек, а со него и сезоната за одмор на плажа. Сепак, додека уживате во морските убавини, не заборавајте дека медузите, морските ежови и рибите-змеј можат да бидат потенцијална опасност.
За да се заштитите, важно е да бидете информирани и подготвени.
Медузите, со своите долги отровни пипци, можат да предизвикаат болни и опасни убоди.
Ако дојде до контакт со медуза, не треба да триете или да исплакнувате со слатка вода, бидејќи тоа може да предизвика ослободување на повеќе отров.
Наместо тоа, исплакнете го местото со морска вода и нежно намачкајте го местото со разладувачка крема.
Исто така, треба да знаете дека дури и мртва медуза која се топи на песокот на плажата може да биде опасна за човекот. Па, ако најдете таква, не ја допирајте со голи раце.
БАРАТЕ РАБОТА КАКО МАГАЦИОНЕР?
Морските ежови, пак, со своите остри боцки можат да предизвикаат сериозни повреди.
Во случај на убод, важно е да ги извадите боцките со пинцета и да ја исчистите раната, дезинфицирајќи ја со хидроген или јод.
Добра идеја е пред одење на море да си набавите силиконски обувки за во вода, токму за да одбегнете непријатности со ежовите.
Рибата-змеј, иако ретко можете да ја сретнете, сепак е позната по својот отровен убод кој може да предизвика интензивна болка и оток.
Во случај на убод, препорачливо е да се потопи засегнатиот дел во што е можно потопла вода, за да се неутрализира отровот.
Д-р Ивана П., специјалист по ургентна медицина, советува:
„Во случај на убод од медуза, морски еж или риба-змеј, веднаш постапете според препораките и барајте медицинска помош. Не заборавајте дека брзата и правилна реакција може значително да ги намали последиците од убодот. Исто така, секогаш имајте при рака кутија за прва помош дури и кога сте на плажа”, советува нашата соговорничка.
Со овие совети и мерки на претпазливост, вашето летување може да продолжи без непријатни инциденти.
Бидете свесни за околината и уживајте во летните денови.