Граѓаните се принудени да чекаат со часови за да дојде автобус кој веќе е полн.
Велат „Скопје никогаш не било совршено, но имавме функционални и редовни автобуси”.
Славица од населбата Даме Груев вели дека секој ден и е сè потешко – не само да стигне на работа на време, туку и воопшто да стигне .„Автобус се чека и по цел час, тоа е неверојатно на овие температури. Кога автобусот ќе стигне до мојата постојка, тој веќе е полн и нема место да се качиш. Луѓето внатре се како сардини. Нели сме метропола? Каде живееме?”
Добивме и порака која вели „Лесно и е на градоначалничката да седи во својата фотелја под клима, нека застане и нека почека автобус, кој не само што доцни, туку и е и нефункционален”.
Би можело да ве интересира: Илјадници станови се празни, а цената на квадратот во Скопје и натаму расте
Граѓаните додаваат дека автобусите често се расипуваат во возењето. Велат дека градскиот превоз во изминатите години бил одличен, со автобуси кои сообраќаат според редовниот возен ред и апликацијата и сајтот на ЈСП. Сега нема никаква информација, автобусот доаѓа, а по неколку станици, тој се расипува и принудени сме да чекаме нов.
Ова особено претставува проблем за граѓаните од приградските населби и оние кои немаат автомобил, бидејќи Скопје зависи во голема мера од автобускиот јавен превоз. Тие посочуваат дека додека други градови се трудат да ги охрабрат граѓаните да го користат јавниот превоз и да ги заменат автомобилите, Скопје е град кој се враќа чекори наназад.
Ваквите жалби од граѓаните се сè почести во период кога температурите достигнуваат до 40 степени, но и ситуацијата кај Мавровка во која беше избегната трагедија. Автобусот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) што на 8 јули удри во жардињера во близина на ТЦ Мавровка бил технички неисправен, обвинија од Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), на прес-конференција пред Управната зграда на ЈСП.
Реакција доаѓа и од возачите во ЈСП, приватните превозници, но и синдикатите.