Македонските граѓани што летово ќе патуваат во Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Словенија и во други земји од ЕУ со сопствено возило, треба да поседуваат, покрај домашна, и меѓународна возачка дозвола. Овој вид дозвола со години наназад се издава во АМСМ, има рок на важност од три години и чини околу 900 денари.
Во земјите каде што е потребно да се поседува меѓународна дозвола, на граничните премини не ја бараат, но ако случајно ве сопре полиција при патувањето и ви ја побара, а ја немате, може да бидете казнети со 50 до 300 евра.
Засега македонската возачка дозвола важи само во Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Косово, Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија и Обединетото Кралство – Англија, Велс и Шкотска. За патување во сите останати земји на ЕУ, мора да се има овој меѓународен документ.
Согласно со потпишаните конвенции и правните регулативи на земјава за патување со моторно возило надвор од државата, потребна е меѓународна возачка дозвола. Таа се издава согласно со Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата,усвоена на 8 ноември 1968 година, во Виена.
Би можело да ве интересира: Не тргнувајте за Грција без Меѓународна возачка дозвола – само еден незгоден полицаец може да ви го расипе одморот
Лицата, пак, што ќе патуваат во странство со возило што не е во нивна сопственост, неопходно е да имаат одобрение за управување туѓо моторно возило. Најчесто се забележува оваа појава кога патуваат полнолетни лица од семејството во странство, а не се сопственици на возилото. Оваа потврда се доставува на увид на самиот граничен премин.
Овие документи можете да ги извадите 24/7 во АМСМ Центар. Потребни документи за меѓународна возачка дозвола се две фотографии (45мм x 35 мм), при што неопходно е лично присуство на лицето, кое ќе достави документ за идентификација, лична карта или пасош. На увид треба да се достави и домашната – национална возачка дозвола, како и потврда од Министерството за внатрешни работи за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, која, пак, се издава од МВР, во просториите на АМСМ.
Меѓународната возачка дозвола е со траење од три години, но со истекот на важноста на националната возачка дозвола, истекува и важноста на меѓународната возачка дозвола.
Што се однесува, пак, до добивањето полномошно за управување со туѓо возило,неопходно е поседување сообраќајна дозвола од возилото и лично присуство на сопственикот со документ за идентификација, лична карта или пасош, како и лично присуство на корисникот на возилото со пасош.