Ново намалување на невработените лица кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување е регистрирано за месец јуни. Според најновите податоци невработени се 101.510 граѓани, додека дополнителни 46.201 лица исто така бараат работа.
Според бројките кои ги објави Агенцијата за вработување, во јуни бројот на невработени благо се намалил, бидејќи во мај имало 102.523 невработени граѓани, и дополнителни 46.664 кои исто така бараат работа. Во споредба со првиот месец од годината намалувањето е уште поголемо, бидејќи во јануари сме имале 105.803 невработени граѓани, и уште 46.881 кои бараат работа.
Иако бројот на лица кои се навработени и кои се во потрага по работа се намалува, сепак, загрижува фактот што одредени лица со години се водат како невработени и тешко успеаваат да најдат работа, но и податокот дека најголем дел од невработените се без образование или со ниско образование.
Бројките откриваат дека од вкупно 101.510 невработени дури 52.427 се жени. Притоа најголем број од невработените се во категорија без образование или со основно образование и тоа дури 60.863 од пријавените невработени лица. Притоа од овие 60 илјади невработи, 32.990 се жени.
Следна голема група се невработените со завршено средно образование. Тука како невработени се пријавиле 24.639 лица, а од нив 11.930 се жени.
Граѓани кои се невработени и кои имаат непотполно средно образование се 8.440, а од нив 2.674 се невработени.
Со високо образование се 6.337 лица, од кои дури 4.131 се жени.
Зачудува податокот дека како невработени имаме и доктори на науки и магистри.
Па така на листа невработени лица се 551 магистар на науки, од кои 349 се жени.
Имаме и 20 доктори на науки кои се пријавени за невработени, од кои 13 се жени.