Долгот на еврозоната е во пораст, покажуваат податоците на Евростат, а најзадолжените земји се на југот на континентот.
„На крајот на првиот квартал од 2024 година, односот на бруто долгот кон БДП во еврозоната беше 88,7 отсто, додека на крајот на четвртиот квартал од 2023 година беше 88,2 отсто. Во рамките на Европската унија, раст бележи и долгот од 81,5 на 82 отсто“, наведуваат од статистичката институција на ЕУ.
Дефицитот на еврозоната или разликата помеѓу тоа колку владите трошат и собираат, од друга страна, се намали во првиот квартал на 3,2 од четири отсто од БДП.
Највисоки стапки на националниот долг во однос на БДП на крајот на првиот квартал од 2024 година забележаа Грција (159,8 отсто), Италија (137,7 отсто), Франција (110,8 отсто), Шпанија (108,9 отсто), Белгија (108,2 отсто) и Португалија (100,4 отсто), а најмала има Бугарија (22,6 отсто), Естонија (23,6 отсто) и Луксембург (27,2 отсто).