ЦРНО НИ СЕ ПИШУВА АКО ПРОДОЛЖИМЕ СО „ГРИЖО МОЈА, ПРЕЈДИ НА ДРУГ“
Светот произведува огромни 2,12 милијарди тони отпад секоја година, за што се потребни околу 1,6 планети за да го апсорбираат. Проценките се дека до 2030 година ќе ни требаат две планети за да го складираме ѓубрето што го создаваме!
Поради тоа, многу е важно секој човек, секое семејство и домаќинство да ја осознае својата улога во зачувувањето на ресурсите, преку селекција и употреба на отпадот како секундарна суровина.
Да се селектира отпад не е тешко. Напротив, потребна е само висока еколошка свест, малку волја и добра организација. Една од најважните алки во одвојувањето на отпадот се домаќинствата, каде што се врши првата и најдетална поделба на различните видови отпад што можат повторно да се употребат или да се рециклираат.
Тоа се пластиката, хартијата, стаклото, батериите, електричните и електронските апарати, текстилот… Секое домаќинство во земјава годишно создава огромни количини отпад, кој не смее да заврши на депонија, а само во Скопје, секој месец домаќинствата создаваат по 20.000 тони ѓубре.
Но, што се прави со биоотпадот во Македонија што го генерираат 150. најголеми компании од агросекторот? Согласно со податоците добиени во процесот на мапирање и испитување на компаниите, од Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса во рамките на Стопанската комора на Македонија, се генерираат над 1,9 милиони тони отпад во сточарството (30 % мапиран), а околу 41.031 тони отпад во делот на преработувачката индустрија, процесирањето овошје и зеленчук и во винарниците (70 % мапиран).
Во однос на свесноста за влијанието на биоотпадот, дури 93 % од компаниите сметаат дека истиот што го генерираат од процесот на производство, не влијае негативно на животната средина.
Биоотпадот претставува глобален проблем, кој негативно се одразува на животната средина, социјалниот статус и на економијата. Според Светска банка, во 2021 година имало 2,01 милијарди тони или зголемување од 70 % во однос на 2016 година, а се предвидува дека во светот би имало до 3,4 милијарди тони во 2050 година.
Неговото отстранување има значаен придонес за глобалното затоплување, поради емисијата на стакленички гасови како што се метанот (CH4), јаглерод диоксидот (ЦО2) и азотниот оксид (Н2О).
Во согласност со легислативата на ЕУ, односно измените на ЕУ (2008, 2018б), органскиот отпад ќе мора да се одвојува на изворот, а 65 % од него да се рециклираат до 2035 година. Македонија е обврзана да спроведе активности за решавање на проблемот со органскиот отпад и намалување на емисијата на ЦО2. Целта на ЕУ е до 2030 година да ја намали емисијата на ЦО2 за 55 %.
– Оттука и идејата за формирање на Асоцијацијата, како посебно тело во рамките на Стопанската комора, кое ќе ги третира актуелните интереси на постојните биогасни централи во земјава, кои изразија подготвеност активно да се вклучат во изнаоѓањето најсоодветен модел за преземање и користење на органскиот отпад како суровина за производство на електрична енергија. Како нуспроизвод се добива дигестат, кој е идеално ѓубриво, кое може да се користи во земјоделското производство. Потребно е да се вклучат во Асоцијацијата најголемите компании од прехранбениот сектор за да се забрзаат активностите – потенцираат од Стопанската комора.
Сегашната практика покажува дека комуналните претпријатија немаат капацитети за менаџирање со органскиот отпад и за негово безбедно одлагање.
– Речиси сите депонии во моментов се нестандардни, немаат соодветен третман и затоа и не смеат да примаат органски отпад. Постои и правилник за количеството на биоразградлив отпад што смее да се депонира. Потребно е, како следен чекор, да се види до каде се имплементирани плановите за третман на овој отпад за потоа да се прејде на следните активности, во соработка со МЖСПП. Во мапирањето беше предложено, како дополнителна активност, да се пресмета и трошокот за транспорт и за манипулација на органскиот отпад од производствените и преработувачките капацитети до биогасните централи – нагласуваат од Стопанската комора.