Ќе паѓаат цените на половните автомобили. Увозниците на половни автомобили велат дека давачките за автомобилите постари од 10 години сè уште се високи.
Се очекува, со доаѓањето на новата власт, да се намалат давачките за автомобилите, кои сега се повисоки од набавната цена на автомобилите. Што се однесува за поновите автомобили од 2018 година, па наваму, давачките се намалени, а и нивните цени. Така, сега, на автоплацовите во државата може да се најде автомобил стар 4-5 години за 12-13 илјади евра, што е добра цена.
– Има тенденција на намалување на цените на некои автомобили, но давачките сè уште се високи. Се очекува, со намалувањето на данокот на емисија на ЦО2, да се намалат и цените на половните автомобили, особено на оние постарите од 10 години, кои се и најбарани, поради ниската цена. Така, сега, на пример, набавната цена на „опел астра“ од 2009 година, 1,6 бензин, купен во Словенија, е 1.050 евра, а давачките изнесуваат 1.400 евра, односно се повисоки од набавната цена – вели за весникот ВЕЧЕР Александар, сопственик на автоплац во Скопје.
Според него, се очекува, со доаѓањето на новата власт, да се намалат давачките за постарите автомобили, а со тоа и продажната цена на автомобилите.
– Во последно време, има сè поголем интерес за понови автомобили, зборувам за оние од 2018 година, па наваму. Давачките за овие автомобили се пониски, а и цените се намалени. На автоплацот веќе имаме повеќе понови автомобили по доста поволни цени. Така, на пример, може да се најде „шкода октавија“ од 2018 и 2020 година за 12 илјади и 13 илјади евра, што е одлична цена за возило од тој период, бидејќи тоа е веќе нова кола – објаснува Александар.
Тој вели дека очекува да продолжи тој тренд и цените на овие автомобили уште повеќе да паднат.
Познавачите на состојбите на пазарот велат дека цената на половните автомобили зависи од неколку фактори, како што се понудата и побарувачката, состојбата на возилото, годината на производство, километражата, марката, моделот, видот на гориво, опремата, еколошките стандарди и друго. Сите овие фактори влијаат на тоа колку ќе плати купувачот за половно возило.
На глобално ниво, се очекува намалување на цените и на новите автомобили, поради стабилизирањето на производството и намалувањето на доцнењата, кои беа присутни во претходните години, поради проблемите со недостигот на чипови.
Со оглед на тоа што сега цените се многу пониски, а изборот е голем, купувачите може да пронајдат квалитетни возила по поволни цени.
И статистичките податоци покажуваат дека просечната возраст на половните автомобили што се продаваат е во опаѓање, што укажува на тоа дека луѓето сѐ повеќе се одлучуваат за понови и подобро одржувани возила.
Според анализите, во 2023 година, цените на половните автомобили се зголемиле за околу 20 отсто во однос на 2022 година. Ова зголемување се должи на порастот на цените на новите автомобили, недостигот на чипови, суровини, транспортот, намалувањето на понудата на половни автомобили од увоз, поради забраната на увоз на возила со еуро 3 и еуро 4 стандарди. Од друга страна, цените на половните автомобили пораснаа и поради зголемувањето на побарувачката, економската криза и неможноста за купување нови автомобили.