Во сенка на сè почестите урбанистички промени кои го погодуваат градот, изјавата на министерот за транспорт и врски Александар Николоски резонира со силна одлучност: „Додека сум јас министер, згради нема да се градат во Карпош и во Центар“.
Оваа категорична позиција предизвика различни реакции меѓу граѓаните, особено во општините Карпош и Центар, кои се најпогодени од предложените законски промени.
Жител на Карпош, кој побара анонимност, изрази целосна поддршка за предлогот на Николоски, велејќи:
„Конечно некој се грижи за нашето животно пространство. Со овие специјални закони, нашата општина ќе се заштити од несоодветното и прекумерно градење која нè загрозува сите“.
Од друга страна, ставот на жителите на Центар е поделен.
Еден од нив, кој исто така сакаше да остане анонимен, изјави:
„Идејата на прв поглед изгледа добра, но не смееме да заборавиме дека во нашата општина има многу стари и руинирани објекти кои се во очајна состојба и за кои постои голема потреба од рушење до темел. Со забраната за градење, ќе ни биде оневозможено да ги замениме со нови, безбедни згради“, коментира нашиот соговорник.
Дебатата се вжештува со секој поминат ден, додека граѓаните и експертите ги вагаат потенцијалните последици од предложените закони.
Со оглед на тоа што Карпош и Центар се меѓу најпопуларните и најдинамичните општини, одлуката за нивната иднина ќе има долгорочни последици не само за жителите, туку и за целиот град.
Инаку, Николоски ветува дека во овие две општини конечно ќе биде ставен крај на урбанистичкиот хаос.
„Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар па имаше мораториум за секаде освен за ул. Козара и за Дајмонд. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25 ката од страна на Лимак, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин“, рече Николоски.