Лихтенштајн е една од најмалите земји на светот, која покрај многуте природни убавини со кои располага, сепак е една од помалку посетуваните земји во Европа.
Ова мала земја со површина од околу 160 квадратни километри, е четвртата најмала земја во Европа и шеста најмала земја во светот.
Таа нема свој аеродром, па поради тоа доколку патувате со авион во Лихтенштајн, ќе морате да слетате на најблискиот аеродром во Цирих, Швајцарија, којшто е еден час и половина оддалечен од Лихтенштајн. Лихтенштајн е исто така една од само двете земји во светот коишто не само што немаат излез на море, туку тоа го немаат ниту нивните соседи, во овој случај Швајцарија и Австрија.
Според бројот на жители Лихтенштајн го зазема шестото место со околу 40.000 жители, а само Ватикан, Тувало, Науру, Палау и Сан Марино имаат помалку жители од Лихтенштајн.
Една од најбогатите земји во светот
Кнежевството Лихтенштајн како што службено се нарекува е една од најбогатите земји во светот.
Имаат особено развиена индустрија за извоз на замрзнати риби, а најсилни во светот се во производството на забни протези. Имено, во оваа област, лидер е тамошната стоматолошка компанија „Ivoclar Vivadent“, чијшто сопственик Кристоф Целер е наводно единствениот милијардер во земјата. Неговата компанија којашто покрај со изработка на протези се занимава и со производство на други стоматолошки производи, во своја сопственост има 20% од светскиот пазар за забни протези, а процените се дека на годишно ниво произведува 60 милиони протези.
Тоа што е особено интересно е работната култура на Лихтенштајн, имено паузата за ручек на работните места трае од 12 часот до 13:30, и се смета за една од најдолгите во светот.
Втора најслабо посетувана земја во Европа
И покрај преубавата природа и планините како опција за зимски туризам, Лихтенштајн е втората најмалку посетувана земја во Европа. Според процените од 2019 година, оваа земја ја посетиле само 87.000 туристи.
Но од друга страна Лихтенштајн е една од најбезбедните земји во светот. Последното документирано убиство во Лихтенштајн се случило во 1997 година, а сите затвореници коишто издржуваат казна затвор подолга од две години се префрлуваат во Австрија. Земјата се смета за толку безбедна што просечните жители не чувствуваат потреба да го заклучуваат својот дом.
Голема забава за жителите на обележувањето на државниот празник
Лихтенштајн е кнежевство, а негов лидер е кнезот Ханс Адам Втори, којшто секоја година на денот на обележувањето на државниот празник „Staatsfeiеrtag“ (15 август), ги повикува сите граѓани на Лихтенштајн, да се приклучат кон славењето и забавата во дворот на неговата палата во Валдуз, а забави и огномет се организираат низ целиот град.
Во 2011 година целата земја можеше да се изнајми за 70.000 долари за ноќ на „Аirbnb“.
Во 2011 година, целиот Лихтенштајн можеше да се изнајми на „Airbnb“ по цена од 70.000 долари за ноќ, и тоа за минимум две ноќевања и 450 до 900 луѓе. Постојат приказни дека тоа се обидел да го направи познатиот американски пејач „Snoop Dogg“ но безуспешно.
Покрај сето ова Лихтенштајн исто така може да се пофали со бројот на освоени олимписки медали во алпско скијање (по еден медал на секои 3.800 жители). Интересно е да се каже дека сè до 2009 година, Лихтенштајн имаше дипломатски спор со Чешка и Словачка околу земјиштето коешто го имаше на територијата на некогашната Чехословачка.