Исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.
Министерството за образование и наука позитивно одговорило на две од трите барања кои Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет му ги достави пред два дена. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека нив ги решиле „експресно, во рок од еден ден“, а за третото е потребно извесно време.
На барањето на УСС на УКИМ да се продолжи рокот за аплицирање за студентски оброк и по 5 септември, за да може да аплицираат и студентите бруцоши односно да не мора да конкурираат за ова право еден месец подоцна, Јаневска рече дека и студентите кои годинава се запишуваат во прва година, исто така, ќе може да аплицираат до рокот утврден со повикот, 5 септември.
-Јас ги повикувам сите бруцоши кои се надеваат дека ќе стекнат статус на студенти, да го искористат овој повик и да си аплицираат. Мечирањето ние ќе го направиме на 20 септември и сите што ќе имаат статус на редовен студент, ќе си добијат студентски оброк, рече Јаневска по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром.
Исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.
-Ние тоа веднаш го решаваме и на тој начин ја укинуваме дискриминацијата која тие ја имале во однос на другите студенти, рече Јаневска.
За барањето на УСС на УКИМ да се усвои Законот за младински стандард т.е. да се поднесе предлог иницијатива за усвојување на веќе планираниот закон, министерката одговори дека на тоа ќе треба да причекаат извесен период.
-Затоа што треба да го погледнеме и ние, да го усогласиме со нив и се надевам дека во најскоро време и тоа ќе го завршиме, додаде министерката.
Во однос на субвенционираниот студентски оброк, за кој електронското аплицирање е во тек од 15 август до 5 септември, и дали ќе има покачување на дневниот износ од 140 денари од оваа академска година, Јаневска одговори дека во буџетот за следната година ќе биде предвидено зголемување на износот.
-Не можам во овој момент со сигурност да кажам колку ќе биде, но во следната година студентите секако ќе имаат покачен студентки оброк, рече Јаневска.
Во врска со ревизијата на работата на факултетите (државни и приватни), за што во фаза на формирање е посебно владино тело за кое е надлежно МОН, министерката посочи дека сите високообразовни установи ќе треба да претрпат промени во организацијата на нивната целокупна работа, вклучително и студиските програми.
Како што рече, со силни напори успеале да обезбедат средства до крајот на годинава да бидат направени неколку евалуации на високообразовни установи.
Доколку се утврди неправилно работење и ако некој факултет биде затворен, студентите што таму се запишани ќе бидат префрлени на други факултети што законски работат и не треба да стравуваат за нешто што не зависи од нив.
Со оглед дека има 134 високообразовни институции, дека Државниот просветен инспекторат не е кадровски добро екипиран и му треба зајакнување, ќе бидат формирани комисии во МОН, а со оглед и на планираните средства, целиот процес на ревизија на работата во високото образование, рече Јаневска, ќе трае од една и пол до две, а можеби и две и пол години.
-Веќе имавме средба со неколку ректори и сите со кои разговаравме се согласни дека треба да се направат реформи во високото образование. Но, тоа е процес. Не може министерот, и не треба, со декрет да носи одлуки, сепак ние треба да ја почитуваме и академската слобода. Го формираме тоа времено тело за реформи во високото образование каде што ќе учествуваат исклучително стручни лица со помош на секторите на МОН. Почнуваме со сеопфатна реформа – анализа на студиските програми, укинување на дел од нив во договор со универзитетите и факултетите, модернизирање на наставните програми…, рече Јаневска.