Почнувајќи од денеска, па и во наредните денови, територијата на Македонија ќе потпаѓа под влијание на висински циклон кој ќе биде со центар јужно и југоисточно од нас, односно некаде над Грција и Турција. Во ваква ситуација во попладневните часови атмосферата полека ќе се дестабилизира и ќе има развој на локални грмотевични облаци кои ќе условуваат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
- Од понеделник до среда условите за нестабилност нема да бидат премногу големи, што значи процесите ќе бидат локални, додека многу поголеми услови за нестабилност во попладневните часови ќе имаме од четврток па натака кога на повеќе места во Македонија ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер - пишува метеопрогнозерот Славчо Поповски на неговата веб страна „Метеоаларм“.
Потоа додава дека „не се исклучува можноста и за појава на локално краткотрајно невреме, проследено со силен ветер и со појава на град“.
- Што се однесува до температурите, тие за време на овој период секој нареден ден ќе бележат тенденција на постепен пад, а особено пад на истите ќе има во втората половина од седмицата кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 26 до 34 степени. Наутро пак ќе биде поприлично свежо со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од 11 до 20 степени - напоменува Попоски.