Сѐ поизвесно е дека со почетокот на новата учебна година во септември ќе се случи и укинување на бесплатниот јавен превоз за студентите и за средношколците, па бранот на незадоволство веќе почна да ги потопува социјалните мрежи.
Студентите изразуваат сериозна загриженост, тврдејќи дека оваа промена ќе им нанесе значителен финансиски товар, особено за оние кои секојдневно патуваат од периферијата до универзитетските кампуси.
„Ова не е само прашање на пари, тоа е прашање на нашата способност да продолжиме со образованието без дополнителни пречки“, изјави еден студент од Економскиот факултет.
Родителите исто така се вклучија во дебатата, со посебен акцент на тешкотиите со кои се соочуваат нивните деца.
Еден родител на средношколка од Ѓорче Петров, која учи во хемиското средно училиште „Марија Кири Склодовска“ во Лисиче, сподели дека неговата ќерка мора да промени два автобуса во еден правец за да стигне до училиштето, а потоа да се вози во уште два автобуса за да стигне дома.
„Со цена од 35 денари по билет, секојдневниот трошок за превоз на мојата ќерка би изнесувал 140 денари. А каде е трошокот за јадење? Ова е значителен износ за многу семејства, и секако дека ќе има влијание врз нашиот семеен буџет“, изјави родителот.
Оваа ситуација го става прашањето за рамноправноста во образованието во преден план, со оглед на тоа дека пристапот до образование не би требало да биде обременет со дополнителни финансиски бариери.
Студентите и средношколците се основа на иднината на нашето општество, и како такви треба да им се обезбеди секаква поддршка за да можат да ги достигнат своите академски и професионални цели.
Во моментов, се чека официјален одговор од локалните власти и образовните институции за да се види дали ќе има решение кое ќе ги задоволи потребите на сите засегнати страни.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска пред некој ден изјави дека не планира да ги плати фактурите за бесплатен јавен превоз во износ од 8 милиони денари, па како што рече, постои можност студентите и средношколците да не добијат бесплатни слободни билети за автобус.
„Нема правен основ по кој Министерството за образование и наука би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. Така што, јас повторувам, и да сакам не можам, а јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година. Ние планираме средства за слободен превоз на студентите. Но, тоа мора да се реши на поинаков начин. За мене како министер начинот е Судот да одлучи, како ќе одлучи Судот така ќе постапуваме – изјави Јаневска.
Таа повтори дека за идната година Министерството за образование и наука и Владата имаат планирано средства за слободен превоз на студентите.