Матурантите од Малта најлесно наоѓаат работа, додека Италијанците најдолго ја чекаат првата работа по завршувањето на училиштето, покажа истражувањето спроведено на ниво на Европската унија.
Како што се наведува, во Европската унија во 2023 година во просек биле вработени 83,5 отсто од лицата со свежа диплома, што претставува зголемување од 1,1 отсто во однос на 2022 година, објави Евростат.
Анализата вклучува луѓе на возраст меѓу 20 и 34 години кои ги завршиле студиите во изминатите три години на средно или терцијарно ниво.
Во текот на изминатите 10 години, забележан е пораст на стапката на вработеност на неодамна дипломираните студенти во Европската Унија.
Во 2013 година, стапката беше 74,3 отсто и оттогаш постојано се зголемува, со исклучок на 2020 година, која беше обележана со пандемијата на корона вирусот.
Вкупната стапка на вработеност на неодамна дипломираните студенти беше над 80 проценти во 22 земји на ЕУ минатата година.
Највисока стапка на вработеност е забележана во Малта 95,8 отсто, во Холандија 93,2 отсто и Германија 91,5 отсто, а најниска во Италија 67,5 отсто, Грција 72,3 отсто и Романија 74,8 отсто.