Септември е месец на промени и на подготовки. Со почетокот на учебната година и приближувањето на зимските месеци, граѓаните се соочуваат со дополнителни предизвици.
Пазарите се преплавени со сезонско овошје и зеленчук, но цените се во постојан пораст, особено кога станува збор за подготовка на зимница.
За многумина, оваа традиција станува сè потешко достижна.
„Секоја година е исто, се надеваме дека ќе можеме да направиме ајвар како што правеше нашата баба, но цените се непријателски настроени кон нас пензионерите“, изјави 67-годишниот Димитрија од Скопје, додека внимателно избираше пиперки на Зелено пазарче.
Пензијата не е доволна ни за основните потреби, а камоли за зимница, додаде тој.
Износот од 3.000 денари за правење минимална количина домашен ајвар е само почеток. Со цените на зеленчукот кои растат како што се приближува сезоната за правење зимници, и потребата од масло и други состојки, сумата лесно може да се удвои.
На пазарите, цените на пиперките варираат, а модрите патлиџани и морковите исто така го зголемуваат трошокот за подготовка на зимницата.
„Секоја година се обидуваме да заштедиме од друго место за да можеме да си дозволиме да направиме ајвар. Но, сега со овие цени, ќе треба да размислиме двапати“, сподели Цветанка, која е во пензија веќе пет години.
Ајварката пиперка во моментов изнесува 90 денари, модрите патличани се продаваат по парче за околу 20 денари, морковот чини 50 денари за килограм.
Оваа ситуација не само што ги засега пензионерите, туку и младите семејства кои сакаат да ги задржат традициите и да се подготват за зимата.
Сепак, духот на заедништво и поддршка останува силен, со многу граѓани кои споделуваат рецепти и совети за поевтина и ефикасна подготовка на зимница.