На први септември Владата на Србија донесе мерка „Најдобра цена“ со која се одреди намалена гарантирана цена на околу 700 продукти.
Намалувањето по продукти изнесува од 15 па се до 70 проценти, а покрај храната, овошјето и зеленчукот, со гарантирана цена се продават и средства за хигиена и домаќинство, како и храна за домашни миленичиња.
Со проверка на цените на неколку маркети во Србија, откривме дека одредени продукти таму се сериозно поевтини отколку во маркетите кај нас.
Што е и колку е поевтино?
Свинското месо, конкретно свински бут без коска во Србија се продава по цена од 599 динари (околу 305 денари) за килограм, додека кај нас цената е помеѓу 430 и 450 денари.
Килограм брашно тип 400 во Србија чини 28 денари, додека во Македонија 44 денари, a зејтинот пак кој кај нас се продава за 78 денари за литар, во Србија се продава за 66 денари.
Покрај брашното, поевтини се и тестенините, па така шпагети од 400 грама се продаваат за 26 денари, додека кај нас се околу 40 денари.
Разлика има во млечните продукти, литар јогурт со гарантирана цена во Србија се продава за 51 денар, додека кај нас најниската цена за литар јогурт е 62 денари, а вообичаено се движи помеѓу 77 и 82 денари.
Сериозно поевтин е и кашкавалот (гауда и ајдамер) кој во Србија се продава по 350 денари за килограм, додека во нашите маркети цената за таков кашкавал е од 450 денари па нагоре (во зависност од маркетот и производителот).
Но и со гарантирани цени, сепак во Србија има доста производи со повисоки цени од кај нас, пред се рибата, јајцата, кафето, чоколадите, додека овошјето, зеленчукот, средствата за домаќинство и лична хигиена се со речиси исти или многу слични цени како и во Македонија.
Сепак, треба да се има на ум дека просечната плата во Србија изнесува 818 евра, додека во Македонија таа изнесува 680 евра.
Македонската влада нема намера да ги ограничи цените
Според српските власти, со мерката едно просечно семејство заштедува помеѓу осум и 20 илјади динари (помеѓу 80 и 200 евра) месечно. Мерката ќе трае до крајот на месец октомври по што ќе се разгледуваат опции за нејзино продолжување.
Ваква мерка но со важност до јануари идната година донесе и Црна Гора каде исто така се опфатени близу 1000 артикли.
Иако и кај нас цените особено на храната летово лудуваат, сепак премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли идејата да се ограничат цените на одредни продукти.
Тој испрати апел до трговците да ги намалат цените, а владата на изненадување на јавноста, реши да интервенира во цените на училишниот прибор и наместо на зејтинот, брашното и месото, таа ги замрзна цените на тетратките, моливите и шестарите.