Биле казнети 14 лица кои не ја почитувала забраната за движење во шума пренесува МИА. Од МВР посочуваат дека сите лица кои биле фатени немале одобрение за движење кое почна да важи на 15 јули како превенција од пожари.
„За непочитување на забрана за движење во шумски предели односно за движење без одобрение во шума за време на забрана, на 14 лица (по четири лица затекнати на подрачје на планина Беласица - Струмица и Градечка Планина - Валандово, три лица на планина Огражден - Пехчево, две на подрачје на Неготино и едно на подрачје на Крива Паланка) им се издадени записници за констатиран прекршок по Закон за шуми, што ќе бидат доставени до подрачни единици на Шумска полиција за понатамошно постапување“, се вели во писмениот одговор.
На 15 јули, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.
„Ваквата согласност се дава согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“ и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат“, соопштија тогаш од Министерството.
Притоа беше појаснето дека за непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнат да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.